Сѐ повеќе средношколци се соочуваат со тешкотии при читањето и пишувањето – покажува истражувањето за причините на дислексијата. Од здружението за правилен говор „Ајнштајн“ велат дека во светот има посебни методи за надминување на оваа состојба…
Тешкотии при читање и пишување- многу ученици во земјава го имаат овој проблем. Соња е родител на дете со дислексија. Состојбата на нејзината ќерка ја препознале кога таа почнала да оди на училиште. Вели, наставниот кадар во текот на студирањето не ја изучува дислексијата, па тешко ја препознаваат. За овие ученици, често наставниците велат дека се мрзеливи, со пониски интелектуални способности, а тие всушност патат од дислексија.
„Наставниот кадар нема насоки по кои методи треба да работи и да ги потикнува децата да се развиваат. Резултатите од оваа состојба се тоа што децата не само што излегуваат недоволно едуцирани од образовниот систем, туку излегуваат многу искомплексирани, повлечени и недоволно социјализирани“, изјави Соња Наумовска, родител на дете со дислексија.
Има методи со кои се контролира состојбата – велат од Здружението за дислексија „Ајнштајн“. Предлагаат на Педагошкиот факултет да се изучува предмет за специфични тешкотии во учењето.
„Во светот има многу успешни дислексичари кои успеале во животот, најчесто затоа што имале соодветен образовен систем. Иако генерално гледано дислексичарите секогаш ќе покажат послаб успех во однос на останатите ученици, особено во нашиот образовен систем кој што е неадаптиран за нивните потребни“, вели Дамјан Николовски, Здружение за дислексија „Ајнштајн“.
Истражувањето покажало дека од испитани 2.400 средношколци во земјава, 12 проценти се соочуваат со дислексија.