Македонските пчелари ги тријат рацете. Велат дека годинава приносите од пчелните семејства ќе бидат добри, откако минатата година ја оценија како една од најкатастрофалните.
Пчеларите велат дека следува период на добра вегетација и се надеваат дека оваа сезона за нив ќе биде успешна, со оглед на добрите временски услови од кои највеќе зависи дали ќе има или нема добри приноси.
Минатата година беше една од најкатастрофалните, но по законот на природата сега следува добра година, вели инструкторот по пчеларство Мирче Настовски поранешен претседател на здружението на пчелари.
Инструкторот по пчеларство Настовски апелира да не се манипулира со медот, затоа што веќе корисниците на овој природен лек, знаат да препознаат што е квалитетен мед. Иако лани немаше мед ниту за медарите, пазарите и маркетите беа преполни со тегли мед, но тоа не е мед туку фруктоза, рече Настовски.
Тегла квалитетен мед низ Западна Македонија се продава по цена од околу 500 денари, но на пазарите медот трговците го продаваат и по двојно пониска цена.