Живот 07. мај 2018. / 14:15

Храна која “лекува” болести сè уште на рафтовите на продавниците во земјава

Храна која “лекува” болести сè уште на рафтовите на продавниците во земјава

Според законските прописи строго е забранета употреба на амбалажи и етикети на кои се наведени својства за кои нема научен доказ, како и нивно рекламирање со истите тврдења, за што се предвидени и високи казни

Чудотворна храна која лекува најразлични болести, производи што помагаат да се победи ракот, леб кој го намалува нивото на шеќер и холестерол во крвта, кој помага при анемија и дури ги уништува клетките на ракот, сè уште можат да се најдат на рафтовите во продавниците во земјава. Иако, според законските прописи, строго е забранета употреба на амбалажи и декларации на кои се наведени својства за кои нема научен доказ, како и нивно рекламирање со истите тврдења, за што се предвидени и високи казни. Нутритивните и здравствените тврдења не се задолжителни, но ако се користат во комерцијални цели во означувањето, презентирањето или рекламирањето потребно е да ги исполнат барањата за користење на нутритивни и здравствени тврдења и условите за нивно истакнување.

Во Законот за безбедност на храната, односно Правилникот за нутритивни и здравствени тврдења, стои дека за да можат да се користат вакви тврдења за некој производ, потребно е да се добие одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и истите да се впишани во регистарот кој го води оваа институција. Според овие правила, кои се применуваат од 2015 година, производители на храна не смеат да ставаат ознаки и да вршат реклама дека одредениот производ прави чуда во подобрување на здравјето на луѓето и со тоа потрошувачот да го доведуваат во заблуда.

Постапката за добивање одобрение за нутритувни или здравствени тврдења предвидува, во зависност од состојките во производот и нивните дејства врз здравјето на луѓето, подносителот на барањето за одобрение да достави мислење во однос на составот на производот издадено од Агенција за лекови и медицински средства, односно од релевантна научна институција. Како доказ можат да послужат и резултати од лабораториски анализи за составот или безбедноста на производот, доказ од надлежното тело во земјата производител или земја членка на ЕУ или научни студии со кои се потврдува здравственото тврдење.

Притоа, во Правилникот е наведено дека при нутритивни и здравствени тврдења прифатливо е да се наведе дека некоја супстанца во производот (на пример витамини Ц или Б) влијае позитивно на извесна здравствена состојба, а никако на амбалажата да стои дека производот лекува одредена здравствена состојба.

Многу компании во земјава кои продаваат производи или додатоци во исхраната го усогласија своето работење со законските прописи и во регистарот на АХМ има многу производи за кои се дадени одобренија за одделни нутритивни и здравствени тврдења.

Но, за жал на пазарот сè уште можат да се најдат производи на чии амбалажи или во рекламите се тврди дека истите лекуваат одредени болести. Ова, освен што значи доведување на потрошувачите во заблуда, може да биде и опасно бидејќи може да доведе до ситуација потрошувач со здравствени проблеми да помисли дека користењето на производот ќе претставува замена за медицинската терапија која ја зема. Од Агенцијата за храна по пристигнати претставки вршат контроли на некои производи, но очигледно е потребна и поголема акција на инспекциските служби бидејќи има сè почести и сè поевидентни злоупотреби на законските прописи, а со цел да се оствари поголем промет и заработка, а на штета на потрошувачите.