Претседателката на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ беше во центарот на вниманието на церемонијата на доделувањето на медалите, по финалниот меч на Светското првенство во Русија, со оглед на тоа што се прегрнувала и бакнувала со сите кои и се најдоа на патот, од играчите на Хрватска и Франција, се до политичарите.
„Не можев да издржам. Утрото не можев да спијам од возбуда, помешани чувства и гордост и радост, а малку и тага што не победивме, бидејќи навистина бевме подобри. Тоа сите ни го признаваат, дури и претседателот Макрон. Недостасуваше малку среќа. Неизмерно ми е драго што цел свет не доживеа, не само како морални победници, туку и како победници кои ги освоија срцата“, изјави Колинда за медиумите.
Таа додаде дека била понесена од атмосферата на стадионот и не сакала да се воздржи.
„Сакав да бидам човек, да покажам како сите ја сакаме својата татковина и репрезентацијата, колку сме горди на нив и каков момент беше тоа за Хрватска, држава која нема голем број на население и простор, но има огромно срце и која направи огромен успех“, додаде претседателката.
Колинда истакна и дека на стадионот била и претседателка и навивачка и дека сите ја почитувале.