Живот

Денеска е Митровден – времето по овој празник е лажливо

Денеска е Митровден – времето по овој празник е лажливо

Свети Димитриј се роди во Солун, во третиот век. Беше син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го постави Димитриј на истото место и посебно му препорача да ги гони христијаните.

Празник на заштитникот на градот Солун и почеток на зимската половина од годината

Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…

Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни служби спаѓа и празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив. Овој празник претставува и меѓник меѓу летниот и зимскиот период од годината.

Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.

Народниот обичај наложувал денес да се остане дома. Се верувало дека оној којшто денес нема да биде дома, цела година ќе биде надвор од него и ќе преспива по туѓи домови.

Постоело и верување дека ноќта пред Митровден мора да бидат завршени сите големи работи, посебно на поле и останати обврски кои се извршуваат надвор. Се сметало дека времето по Митровден е лажливо, односно дека зимата може во секој момент да изненади, па затоа се зацврстило мислењето дека лоша среќа е ако нешто се одложи да се заврши по големиот празник. За Митровден се верувало дека ќе се претскаже каква ќе била зимата.

Ако денот бил сончев, наводно зимата ќе биде блага, со мал број ладни денови. Ако на Митровден паднело снег, се верува дека ќе се задржи се до април.

Во некои делови постоеле и верувања дека на Митровден никако не треба да се прекоруваат децата, колку и да згрешиле или биле безобразни, бидејќи наводно цела година ќе бидат непослушни.