Занимливости

(Видео) Бел тигар уби човек во зоолошка градина во Јапонија

(Видео) Бел тигар уби човек во зоолошка градина во Јапонија

Редок бел тигар уби чувар во својот кафез во зоолошка градина во Јапонија. Меѓутоа, семејството на чуварот апелираше тигарот да се остави жив.

Смртоноснио напад се случил синоќа во зоолошката градина во паркот Хиракава во градот Кагошима. 40-годипниот Акира Фуршо бил пронајден со рана на вратот во кафезот, а бил прогласен за мртов набрзо откако бил префрлен во болница.

Се смета дека чуварот отишол да го исчисти кафезот на тигарот, но вообичаена пракса е во меѓувреме тигарот да се префрли во посебен простор пред да влезе чуварот. Полицијата сега истражува како зоолошката градина се грижи за своите четири бели тигри.

Тигарот Рику бил успиен со стрелка со седатив. Иако во вакви случаи животното обично се усмртува, од зоолошката градина соопштија дека овој пат тоа нема да се случи.

„Планираме да го задржиме Рику, а не да го убиеме, бидејќи семејството на чуварот нѐ замоли така да постапиме“, изјави претставникот на зоолошката Такуро Нагасако, пренесува Франс прес.

Минатата година бел тигар уби британски чувар во кафез во Кембриџшир, додека чувар во руски Калининград успеа да преживее напад на примерок од овој редок подвид на бенгалскиот тигар.

Белиот тигар денес живее исклучиво во заробеништво, каде меѓусебно се парат за да се зачуваат нивните гени кои резултираат со специфичното бело крзно, за разлика од вообичаеното портокалово. Меѓутоа, веројатно поради парењето со генетски слични единки, белите тигри имаат низа здравствени проблеми како тешкотии со видот и телесни деформации.

Последниот познат бел тигар кој живеел во дивина бил убиен во 1958 година во Индија.