Научниците откриле уште еден егзотичен феномен на една од најчудните планети во соларниот систем.
Откриени се пространи дини на површината на далечниот и ладен Плутон, сочинети од зрна замрзнат метан, со големина на песок, нанесен од ветерот.
Дините забележани на снимките на космичкиот брод „Нови хоризонти“ на НАСА, се направени додека бродот поминувал покрај Плутон во 2015 година, а се наоѓаат на границата помеѓу нитрогенски глечер во облик на срце, со големина на Франција, и планински венец Ал Идриси Монтес кој е сочинет од замрзната вода, соопштија денеска научниците, пренесува Ројтерс.