Глобалната стриминг платформа Netflix во последните неколку години се претвори во главниот извор на видео содржина како филмови и телевизиски серии, до таа мера што скоро и да ја замени телевизијата како главен медиум за забава. Ама конкуренцијата е сериозна, и доаѓа по тронот.
Традиционалните медиуми и големите компании од Силициумската долина сакаат дел од богатството кое Netflix го заработува со стриминг на серии и филмови, па решија и самите да се вклучат во стриминг играта.
Како можеби и најголемата компанија на пазарот, Disney заедно со Marvel и Pixar реши да отвори сопствена стриминг платформа, наречена Disney+. Бидејќи оваа компанија го има најголемиот удел во забавната индустрија, нејзиното раководство се надева дека оригиналната содржина која ги содржи нивните наслови ќе го привлече делот од пазарот заинтересиран за разновидната понуда на Disney.
Дел од потегот на Disney беше и одлуката да биде повлечена целата нивна оригинална содржина од Netflix, што ја остави популарната платформа без сите филмови на „Marvel“, како и нивните серии.
Покрај Disney, истата идеја ја има и студиото WarnerMedia, под чија сопственост е програмата на HBO, Turner и WarnerBros. Засега WarnerMedia не ја повлече својата оригинална содржина од Netflix, но прифати да земе 100 милиони од стриминг сервисот за да ја остави серијата „Friends“ на програмата уште една година.
-Netflix се соочува со конкуренција која се зголемува од ден на ден и таа доаѓа од истите компании кои претходно ја снабдуваа оваа платформа со содржини. Ако уште една или две од овие компании ја повлечат содржината, тогаш Netflix може да стави клуч на нивниот бизнис-вели Ричард Броутон, аналитичар од Ampere Analysts.
Netflix веќе го почувствува конкурентскиот притисок откако Amazon Prime започна да работи како стриминг сервис, па мораше да одвои дополнителни 4 милијарди долари за производство на сопствена авторска содржина која е достапна само за претплатниците на нивната платформа.