Свет 19. април 2020. / 14:15

Зоолошка градина во Германија размислува да ги храни животните едни со други за да ја преживее кризата

Зоолошка градина во Германија размислува да ги храни животните едни со други за да ја преживее кризата

Зоолошките градини кои требаше да бидат преполни за време на сончевите велигденски празници сега се празни и бараат донации, за да ги издржат последиците од карантинот воведен поради корона вирусот.

Директорката на зоолошката градина Нојминстер во северна Германија, признава дека наскоро можеби ќе мора да хранат некои од животните со други животни за зоолошката градина да може да преживее.

Ако дојде до тоа, ќе треба да еутанизираме животни, наместо да ги оставиме да изгладнат. Во најлош случај, ќе мораме да храниме едни животни со други. Направивме список на животните кои први ќе треба да ги заколеме – изјави Верена Каспари од зоолошката градинa Нојминстер.

Таа објаснува дека дека убиството на некои животни за да можат другите да преживеат ќе биде последно средство и нешто што е крајно непријатно, но дури и тоа целосно не би го решило финансискиот проблем.

Зоолошката градина Нојминстер не е опфатена од државниот фонд за итни случаи за мали бизниси.

Каспери проценува дека загубата на приходите од зоолошката градина оваа пролет ќе изнесува околу 175.000 евра.

Покрај директните апели за јавни донации, германските зоолошки градини заедно бараат владина помош во вредност од 100 милиони евра.

Германското Национално здружение на зоолошки градини (ВдЗ) тврди дека зоолошките градини, за разлика од многу други бизниси, не можат да одат во хибернација и да ги намалат трошоците. Животните сè уште треба да се хранат секојдневно и треба некој да се грижи за нив, додека тропските живеалишта треба да се загреваат над 20 степени.

Шефот на ВдЗ, Јерг Јунхолд, вели дека карантинот една типична германска зоолошка градина ја чини околу 500.000 евра неделни загуби.

Зоолошката градина Шенбрун, една од најголемите атракции во Виена, пак, соопшти дека засега може да функционира со она што има заштедено.

Сепак, на 1 април Зоолошката испрати 70 проценти од своите 230 вработени на тримесечен одмор – период во кој работните места им се заштитени. Австрија има систем „Курзарбајт“ (субвенционирана краткотрајна работа) како што е во Германија, така што повеќето работници не ги губат своите работни места кога нивниот работодавец се соочува со тешки времиња.

На животните им „недостасуваат луѓе“

Некои вработени во зоолошките градини исто така предупредуваат дека кризата има емотивно влијание врз одредени животни, затоа што им недостасува вниманието што обично го добивале од посетителите.

Филин Хашмаистер од берлинската зоолошка вели дека мајмуните особено сакаат да гледаат луѓе.

Таа вели дека фоките и папагалите исто така биле фасцинирани од нивните посетители и оти „за нив сега е навистина прилично здодевно“.

Минатата недела, зоолошката градина во Москва, исто така, соопшти дека на нејзините две гигантски панди „сега нешто им недостасува “.

Тие почнаа многу поактивно да се доближуваат до секоја личност што поминува покрај нивното живеалиште – се вели во соопштението.