Свет 06. октомври 2019. / 16:43

Зихофер очекува нов мигрантски бран, бара помош за Грција и Турција

Зихофер очекува нов мигрантски бран, бара помош за Грција и Турција

Министерот за внатрешни работи на Германија, Хорст Зихофер предупреди дека постои опасност од бегалски бран што би можел да го надмине оној од 2015 година и истакна дека има потребата да им се помогне на државите кои ги чуваат надворешните граници на ЕУ.

– Треба да им помогнеме на нашите европски партнери за да ги контролираат нивните надворешни граници. Премногу долго ги оставивме на цедило. Ако тоа не го сториме, ќе доживееме бегалски бран како оној во 2015 година. Можеби дури и поголем од тогаш – изјави Зихофер во интервју за „Билд ам Сонтаг“.

Министерот најави дека ќе разговара со новиот претседател на Европската Комисија Урсула фон дер Лејен за мерките што треба да помогнат да се спречи повторно да се случи ситуацијата како во 2015 година. Зихофер потенцира и дека ужива целосна поддршка од германската канцеларка Ангела Меркел.

Зихофер, кој беше во Турција минатата недела, ги повика членките на ЕУ да направат повеќе за земјата.

– Турција прави многу кога станува збор за прием на бегалци. Тоа е во заеднички интерес. Затоа мора да заборавиме на проблемите од минатото и да направиме повеќе за Турција – смета германскиот министер за внатрешни работи.

На прашањето дали смета дека Турција мора да добие повеќе од шесте милијарди евра ветени во договорот меѓу Брисел и Анкара за задржување бегалци во Турција, Зихофер рече дека тој како министер за внатрешни работи не може да донесе вакви одлуки, но дека ќе се погрижи „Заслугите на Турција да се сфатат сериозно“.

Зихофер ја посети и Грција, што бележи пораст на бројот на бегалци кои доаѓаат на островите на Егејот од Турција во последните неколку недели. Тој вети германска помош за прием на бегалци и подобра заштита на надворешните граници.

Зихофер, кој беше еден од најжестоките критичари на отворената политика за бегалци на Ангела Меркел за време на бегалската криза, во последните неколку недели се залага Германија да прими повеќе бегалци од Медитеранот, што е критикувано во рамките на владејачката Демократска унија ЦДУ / ЦСУ.

Унијата особено го критикуваше ветувањето на Зихофер дека Германија ќе го прими секој четврти бегалец кој ќе биде спасен во Средоземното Море.