Свет 14. ноември 2019. / 11:51

Жестоки судири во Чиле – стотици повредени и над илјада приведени

Жестоки судири во Чиле – стотици повредени и над илјада приведени

Стотици лица се повредени, а над илјада демонстранти се приведени во големите немири во Чиле, соопшти тамошното министерство за одбрана.

Смените во владата и мерките за намалување на нееднаквоста не успеаа да го смират бранот на насилни протести во Чиле кои во таа јужноамериканска земја траат веќе еден месец.

Повеќе од 100 локали и трговски центри се ограбени во ноќта од вторникот кон средата, пренесуваат чилеанските медиуми. Околу 30 згради биле запалени, а нападнати биле над 20 полициски станици. Запалени се исто така и четири автобуси и оштетени 49 полициски возила. Меѓу повредените има 347 полицајци и 46 демонстранти.

„Франс Прес“ го пренесува податокот на Националниот институт за човекови права дека од почетокот на протестите на 18-ти октомври, 197 лица се здобиле со повреди на очите, а некои трајно ослепиле поради гумените куршуми и солзавецот на полицијата.

Околу 250 илјади луѓе учествувале на маршевите во вторникот, од кои 80 илјади во главниот град Сантијаго. Во насилствата досега животот го загубија 20 лица, а повредени се над 2 илјади.

Протестите избија поради зголемувањето на цените на билетите од јавниот превоз (од 2 до 5 денари), па иако чилеанскиот претседател Себастијан Пињера ја повлече мерката и најави социјални олеснувања за сиромашните, ситуацијата не се смири.

Политичките немири ја погодија економијата на една од најразвиените јужноамерикански земји, па владата предвидениот раст од 2,6% го намали на 2,0 по избивањето на протестите. Во текот на вчерашниот ден чилеанската валута пезо падна на најниско ниво од 1990-та година во однос на доларот.