Свет 11. мај 2018. / 17:07

Жените во Саудиска Арабија конечно ќе може да возат автомобил

Жените во Саудиска Арабија конечно ќе може да возат автомобил

Со години жените во Саудиска Арабија беа угнетувани и им беа забранувани многу нормални работи. Од 24 јуни, за првпат во историјата, жените од Саудиска Арабија ќе можат да возат автомобил..

„Сите мерки жените да започнат да возат во кралството се преземени“ – изјавил Мохамед ал-Басами, Генерален директор на Одделот за сообраќај.

Секоја жена со навршени 18 години ќе може да аплицира за возачка дозвола, а во пет градови се отворени авто-школи за жени. Инструкторите ќе бидат жени од Саудиска Арабија, кои се стекнале со возачка дозвола во странство.

На оваа одлука ѝ претходеле многу протести.

Првиот протест за прекин на оваа забрана се одржал во 1990 година, кога 47 жени возеа низ главниот град Ријад. Иако најголем дел од нив беа уапсени, а некои ги изгубија своите работни места, протестот поттикна сè повеќе жени да се борат за истата цел.

„Од тој ден наваму, саудиските жени се бореа за право да возат и тоа конечно пристигна. Чекавме долго време“ – рекла една од активистките.

Саудиските лидери честопати низ годините истакнуваа дека во саудиската култура е непристојно жените да возат и дека машките возачи не би знаеле како да се однесуваат доколку до нив во автомобилот би седела жена. Други тврдат дека дозволата жените да возат би довела до промискуитет и колапс на саудиското семејство. Трети пак, неосновано тврдат дека возењето ги оштетува женските јајници.

Забраната долго време го нарушуваше имиџот на Саудиска Арабија на меѓународната сцена.