Свет 26. октомври 2018. / 11:24

Жени ќе може да се приклучат во една од најелитните специјални единици во светот

Жени ќе може да се приклучат во една од најелитните специјални единици во светот

По прв пат жените ќе можат да аплицираат за членство во било кој род на британската војска, соопшти британскиот секретар за одбрана, а пренесе Би-би-си. Гавин Вилијамсон објави дека сите борбени улоги сега се отворени и за жените, вклучувајќи ја и службата во елитните специјалните сили како што е САС.

Тој рече дека за прв пат вооружените сили ќе бидат обликувани исклучиво по способноста на членовите, а не врз основа на нивниот пол.

Во 2016. година беше укината забраната за служба на жени во британските борбени единици за блиска борба.

Кралскиот вооружен корпус, кој оперира со тенкови, беше првата гранка од единиците за блиска борба која ги отвори вратите за жените во ноември 2016. година. Оттогаш, околу 35 жени служеле или биле обучувани за да се приклучат кон Кралскиот вооружен корпус.

Отворањето на позиции за жените во единиците за блиска борба се одвива постепено.

Отсега, жените што веќе служат во британската армија можат да аплицираат за позиција во Кралските Маринци и пешадијата. Тоа ќе им ја отвори вратата за да се приклучат во специјалните единици како што е САС, по минувањето на потребната обука.

Вилијамсон за Би-би-си њуз изјави: „Имаме големи очекувања дека жени ќе пристапат кон САС и Специјалната морнаричка служба. Вредноста што тие ќе ја донесат, влијанието што ќе го направат во единиците ќе биде феноменално и сите служби се надеваат дека ќе имаат можност да им посакаат добредојде“.

САС е скратеница за Специјалните воздухопловни сили на Велика Британија. Единицата била основана во 1941 година како полк, а подоцна реконституирана како корпус во 1950 година. Оваа специјална единица која се смета за една од најелитните во светот презема голем број активности како тајни извидувања, анти-терористички операции, блиски вооружени акции и спасување на заложници. Голем дел од информациите и активностите во врска со САС се строго доверливи и не се коментираат од страна на британската Влада или Министерството за одбрана, поради чувствителноста на нивните операции.