Полицијата во Оман не сака да дава службени изјави. Музичарот последните денови пред ненадејната смрт ги минувал во одморалиште во арапската држава, а фановите тврдат дека Авици многу ослабнал…
После трагичната смрт на ДиЏеј Авици, кој починал во 29. година на живот, многу обожаватели бараат одговори. Семејството замолило за приватност а ниту полицијата во Оман не сакала да открива никакви детали. Сепак, странските медиуми дознаваат, од анонимни извори, дека се направени две обдукции.
„Со сигурност можеме да кажеме дека нема криминални сомневања“ вели изворот и додава дека полицијата ги има сите информации за смртта, но нема да дава служени соопштенија.
Од ДиЏејот и продуцент Тим Берлинг преку социјалните мрежи, со емотивни пораки, се простиле бројни ѕвезди како Мадона, Рита Ора, Лиам Пејн, Гета…
Музичарот се борел со акутен панкреатитис, потенцијално многу опасно воспалување на панкреасот, кое било предизвикано со претерано конзумирање на алкохол.
Последните денови пред ненадејната смрт ги минал во одморалиште во Оман. Таа арапска држава толку многу му се допаднала што престојот го продолжил уште осум дена.
Бројни фанови го препознале, во одморалиштето, кои се фотографирале со него, за спомен, а некои коментирале дека музичарот многу ослабнал.
Авици беше еден од предводниците на современото електронско денс движење.
„Беше и остана едноставен и скромен човек, а веруваме дека сето она што го остави зад себе уште долго ќе живее во срцата на бројните фанови на неговата музика“, рекол Бранислав Крајачиќ од организацијата на фестивалот Ultra Europe, кој го запознал починатиот музичар на неговите настапи во 2013. и 2015. година.
Некои од неговите најголеми хитови се ‘Wake Me Up!’, ‘The Days’, ‘You Make Me’, ‘Hey Brother’ и ‘Levels’. Соработувал со музички ѕвезди како што се „Колдплеј“ и Мадона.