Сите израелски амбасади и конзулати во светот од утрово се затворени, бидејќи дипломатите и воените аташеа се во штрајк поради долгогодишен спор со Министерството за финансии околу трошоците на дипломатските претставници.
Штрајкот, координиран од Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и Федерацијата за труд Хистадрут следува откако Министерството за финансии наводно ги повлекло претходните договори и соопшти дека ќе ги принуди дипломатските претставници да вратат илјадници долари, кои им биле исплатени за трошоци, објави „Тајм оф Израел“.
Затворањето на амбасадите и конзулатите стапи во сила во 01:00 часот по израелско време.
–Поради одлуката на израелското Министерство за финансии да ги прекрши спогодбите, кои ги договори и потпиша генералниот директор на Министерството за финансии на 21 јули 2019 година и да примени еднострана процедура, која го менува протоколот што важеше неколку децении, принудени сме да ја затвориме амбасадата – се наведува во соопштенијата, објавени на интернет страниците на израелските дипломатски мисии.
Во соопштението се истакнува и дека конзуларни услуги нема да бидат давани и никому нема да му биде дозволено да влезе во амбасадата, односно конзулатот.