Свет 10. октомври 2019. / 12:25

Започнуваат трговските преговори САД-Кина, први од јули 2019

Започнуваат трговските преговори САД-Кина, први од јули 2019

Високи трговски преговарачи од САД и Кина денеска треба да се состанат прв пат од крајот на јули 2019 година во обид да изнајдат излез од 15 месечната трговска војна, иако новата нетрпеливост помеѓу двете најголеми светски економии не даваат многу надеж за напредок.

Кинескиот потпретседател на владата Љу Хе, американскиот трговски претставник Роберт Лајтизер и министерот за финансии Стивен Менучин ќе се обидат да ги намалат разликите во ставовите помеѓу двете земји, како би се избегнало планираното зголемување на тарифите на кинеската стока вредна 250 милијарди долари на 15 октомври.

Меѓутоа, атмосферата за преговорите ја загрозува одлуката на Министерството за трговија на САД од понеделникот 7 октомври, на својата листа да стави 28 кинески агенции за јавна безбедност и технолошко-надзорни компании, повикувајќи се на кршењето на човековите права на муслиманските малцински групи во кинеската провинција Синѓијанг, пренесува Ројтерс.

Доколку преговорите повторно се прекинат, речиси целиот увоз на кинеска стока во САД вреден повеќе од 500 милијарди долари би можело до 15 декември да биде предмет на казнени тарифи.

Некои медиумски извештаи наведуваат дека двете страни во овие преговори ќе ги разгледуваат „привремените“ договори со кои би се одложиле планираните нови американски тарифи во замена на дополнително кинеско купување на земјоделски производи од САД. Трамп повеќе пати ја отфрли таа идеја, инсистирајќи дека сака „голем договор“ со Пекинг кој ќе го реши главниот проблем со интелектуалната сопственост.