Свет 10. декември 2020. / 18:36

Започна истрага против синот на Џо Бајден

Започна истрага против синот на Џо Бајден

Федералните обвинители во Делавер, во соработка со Агенцијата за истраги за криминал во ИРС и ФБИ, испратиле покани и побарале разговори за предметот на истрагата.

Си-Ен-Ен ја контактирал адвокатката на Бајден оваа недела и побарале коментар за започнувањето на истрагата.

– Вчера, првпат дознав дека Канцеларијата на обвинителите на САД во Делавер го известила мојот правен советник да ги испита моите даночни работи. Јас многу сериозно го сфаќам ова прашање, но уверен сум дека професионалното и објективно разгледување на овие настани ќе покаже дека легално и соодветно се справував со мојот бизнис, изјавил Хантер Бајден.

Истражителите проверуваат неколку финансиски активности, вклучително и дали Хантер Бајден и неговите соработници ги прекршиле законите за данок и перење пари во деловните зделки со странски земји, особено во Кина.

Истрагата, наводно, започнала уште во 2018 година, пред Вилијам Бар да стане јавен обвинител. Истрагата треба да покаже дали новиот претседател на САД ќе го одржи ветувањето дека нема да се меша во работите на судството.

Истражителите, според информациите добиени од Си-Ен-Ен, се насочени кон деловните активности на Хантер Бајден поврзани со Кина. Јавноста веќе дозна за некои од неговите зделки со Кина преку интервјуа и документи објавени од републиканците во септември.

Според тие документи, откако неговиот татко ја напуштил канцеларијата во 2017 година, Хантер Бајден работел да постигне договор со кинескиот ЦЕФЦ и да инвестира во енергетски проекти во САД.

Во 2017 година, Хантер Бајден добил на подарок дијамант од 2,8 карати од основачот на ЦЕФЦ и поранешен претседател Је Џиангминг по деловниот состанок во Мајами, што е еден од аспектите на истрагата.

Во 2019 година, Бајден до магазинот „Њујоркер“ доставил сметка за добивањето дијамант од Је. Тој за Њујоркер изјавил дека се чувствувал непријатно кога го примил дијамантот, дека им го дал на соработниците и дека не знае што му направиле.

Хантер Бајден за Њујоркер изјави дека договорот со ЦЕФЦ пропаднал и дека тој не смета дека е сомнителна личност. Но, кинеските власти подоцна го уапсија Је под обвинение за корупција.

Во едно интервју, Бајден раскажа како се борел со злоупотреба на супстанции во тоа време и како минувал низ развод. Адвокатите на неговата поранешна сопруга за време на бракоразводната парница рекле дека Хантер добил на подарок дијамант од 80 000 американски долари. Бајден за Њујоркер изјавил дека вреди околу 10.000 долари.

Во декември минатата година Претставничкиот дом под мнозинство на демократите гласаше за отповикување на претседателот Доналд Трамп, обвинувајќи го за злоупотреба на својата позиција и попречување на Конгресот заради неговите обиди за замрзнување на воената помош за Украина.

– Претседателот Трамп го злоупотреби својот авторитет, ја прекрши својата заклетва и ја предаде нашата нација. Ова е одличен момент за нашата земја. Во Соединетите држави никој не е над законот, па дури ни претседателот, објави тогаш Џо Бајден на Твитер.

Во февруари годинава, Сенатот ги отфрли обвиненијата против претседателот Трамп.

Новата истрага за можното затајување данок на Хантер Бајден е започната во моментот кога неговиот татко го формира неговиот кабинет.

Ако истрагата продолжи откако Џо Бајден положи заклетва за претседател следниот месец, идниот главен државен обвинител, кого ќе го избере, ќе ја надгледува истрагата против неговиот син.