Поради смртта на 12-годишно девојче кое починало откако било погодено од залутан куршум во Шведска, повторно се отворија дискусиите за борбата против насилството помеѓу локалните банди.
Според извештаите на медиумите, неименуваното девојче е убиено во неделата за време на пукањето што се случило во близина на бензинска пумпа. Истрагата е во тек.
Деталите за тоа што се случило не се официјално потврдени, но локалните медиуми јавуваат дека вооружени лица пукале во двајца членови на криминалната банда и дека немале намера да го удрат детето, пишува Би-Би-Си.
Граѓаните вчера поставија цвеќиња и свеќи на местото на настанот, а дел од нив повикаа на построга акција против насилството на бандите.
„Не смее да се случи повторно. 12-годишно девојче е убиено“, рече една жена за АФП.
Шведска минатата година објави дека формирала посебна работна група за борба против насилството во бандите. На полициските службеници им беа дадени дополнителни овластувања за надзор, а казните за злоупотреба на дрога и оружје се зголемени.
Според шведската полиција, дваесет лица загинале во 163 пукања во првите шест месеци од оваа година. Во 2019 година беа убиени 42 лица во 334 пријавени престрелки.