Судот во Токио ја отфрли жалбата на претседателот на “Нисан Мотор” Карлос Госн, за укинување на притворот, откако беше уапсен минатиот месец, по обвинувањата за финансиски малверзации, пренесе Ројтерс.
Госн е во притвор од 19 ноември под сомнеж дека прикажувал помал доход од вистинскиот и преземал други незаконски дејства.
Инаку претходно од Нисан соопштија дека Госн и директорот Грег Кели во извештаите поднесени до берзата во Токио искажувале помали износи на бонусите и додатоците на плата од вистинските, за да се намали објавениот износ на надоместоците што ги прима Карлос Госн.
Понатаму од компанијата додадоа дека се откриени и редица други крупни незаконски дејства на Госн, како користење пари на компанијата за лични потреби, а потврдена е и значителна вмешаност на Грег Кели.
Во Нисан со месеци водеа интерна истрага откако од свиркачи добија дојава за неправилности.