Саудиец осомничен за вмешаност во исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги загина во сообраќајна несреќа, објави турскиот весник „Јени шафак“.
Мешал Саад М. Албостани, кој бил во саудискиот конзулат во Истанбул кога новинарот, подоцна пријавен за исчезнат, влегол таму, загина во сообраќајна несреќа во Ријад, но не се објавени детали за несреќата. Албостани, еден од 15-те осомничени кои биле во конзулатот во тоа време, наводно, ја напуштил Турција на 2 октомври, истиот ден кога Кашоги влегол во конзулатот.
Според медиумите, турските власти се сомневаат дека новинарот бил убиен додека бил во конзулатот. Турската полиција веќе ја пребарала зградата на конзулатот и домот на генералниот конзул.
Саудиска Арабија ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека Кашоги го напуштил дипломатскиот објект на 2 октомври, а дека Ријад нема никаква врска со неговото исчезнување.