Во Либија во последните неколку дена се интензивираат судирите меѓу двете завојувани страни, во време кога во земјата расте стравот од последиците од ширење на корона вирусот поради тоа што во Либија е речиси комплетно уништена целата медицинска инфракструктура по десетгодишните конфликти.
Бунтовничките сили на генералот Калифа Хафтар беа погодени со ракети во Триполи, бидејќи борците лојални на Владата на национално единство ги протераа од голем број градови западно од главниот град.
Владата на национално единство која е признаена од ОН ги обвини силите на Хафтар дека му се одмаздуваат на населението во Триполи, зашто ја загубија контролата врз крајбрежните градови Сорман и Сабрата, како и неколку места во внатрешноста.
Либија е во конфликт речиси една деценија откако Моамер ел-Гадафи беше соборен и убиен во 2011 година во бунт поддржан од западните сили.
ОН информираат за стотици убиени лица, додека повеќе од 200.000 се раселени откако Хафтар ланската пролет ја почна офанзивата врз Триполи.
Либија се соочува со голем недостиг на медицински персонал и опрема за спречување на ширење на каква било болест, особено на пандемијата Ковид-19, додека во земјата и натаму постојано пристигнува оружја, пишува „Вашингтон пост“.
САД, ОН и други земји повикаа на „хуманитарна пауза“ од страна на спротивставените страни за да се спречи ширењето на корона вирусот, но се чини дека двете страни се решени да го користат меѓународниот фокус врз пандемијата и да се обидат да дојдат до повеќе територија, проценува американскиот весник и додава дека по почетниот договор за прекин на огнот двете страни по само неколку дена се вратиле на борбите.
Официјални претставници на ОН истакнаа дека во Либија нема единици за изолација, лабораториска опрема за тестирање, заштитна опрема и обучени здравствени работници.
Според официјални податоци, во Либија заразени со корона вирусот се 35 лица, а едно лице е починато.