Властите во Еквадор им овозможија на мигрантите од Венецуела сигурен превоз со автобуси до границата со Перу, пред да се засили граничната контрола.
Автобусите ќе превезуваат околу 250 мигранти од северната граница со Колумбија, каде нелегално влегле во Еквадор, до границата со Перу, а превозот ќе биде организиран и наредните денови.
Оваа година повеќе од 430.000 Венецуелци влегле во Еквадор од Колумбија, а многу од нив сакаат да продолжат јужно, за да најдат работа во Перу.
Еквадор минатата недела воведе правило, граѓаните на Венецуела да мораат да покажат и пасоши, не само лична карта, при влез во таа држава, а истото правило од сабота ќе започне да го применува и Перу.
„Нема назад. Враќањето во Венецуела би било самоубиство“, изјави 26-годишна девојка од Венецуела која поминала неколку денови на границата помеѓу Колумбија и Еквадор, чекајќи ги автобусите.
Економијата на Венецуела е слаба, а граѓаните протестираат против социјалистичката влада на Николас Мадуро.