Свет 24. јули 2020. / 10:58

Војската ќе ги бара и испитува заразените во Мелбурн за нивните контакти

Војската ќе ги бара и испитува заразените во Мелбурн за нивните контакти

Австралиската држава Викторија ќе ја ангажира војската да ги испитува лицата кои се позитивни на корона вирус, а кои не одговориле на телефонските повици, со цел да почне следење на контактите на заразените.

Во Австралија во претходните денови се потврдени шест нови смртни случаи како последица на Ковид-19, што е рекорден број од почетокот на пандемијата. Сите смртни случаи се поврзани со домови за стари и изнемоштени лица, а во повеќе од 40 вакви установи е потврдена зараза со корона вирус.

Премиерот на Викторија, Даниел Ендрјуз, изјави дека војници ќе бидат испратени во домовите на лицата заразени со корона вирус, кои не се јавиле на телефон за да одговорат на епидемиолошкиот прашалник.

Доколку овие лица не отворат врата, ќе им биде изречена казна – потврди Ендрјуз.

Поради влошената епидемиолошка ситуација во Мелбурн, австралиската држава Викторија воведе делумни мерки за карантин во траење од шест недели, како и задолжително носење маски.

На територијата на цела Австралија во текот на вчерашниот ден вирусот е потврден кај околу 300 луѓе. Досега во Австралија вкупно се регистрирани над 13.300 случаи на зараза, а починале вкупно 139 лица.