Новиот бран на инфекции во Кина, очигледно предизвикан од мутиран корона вирус, не е причина за паника. Со мутација, „SARS CoV-2“, вирусот кој всади страв во светот, наскоро би можел да стане обична настинка, пишува „Дојче веле“.
Развојот на ефикасна вакцина или лек против новиот вид коронавирус е комплициран токму затоа што вирусот постојано се менува. За околу половина година од избувнувањето на пандемијата, научниците регистрирале 100 различни мутации на „SARS CoV-2“ ширум светот.
Ваквите варијанти или промени се нормални, бидејќи генетската структура на вирусот се менува и се појавуваат нови подвидови. Исто така можат да се променат и карактеристиките на вирусот. Последиците можат да бидат слабеење на оригиналниот вирус, но и тој да стане поагресивен. Различните варијанти исто така потврдуваат зошто еден патоген во одреден регион на светот предизвикува бранови на инфекција со различна тежина и зошто луѓето реагираат различно на инфекцијата.
Кристијан Дростен од берлинската болница „Харите“ на мутациите гледа позитивно.
Новиот вирус се репродуцира уште подобро во носот и подобро се пренесува. Со мутацијата, која првенствено влијае на носната област, вирусот би можел да се размножува подобро, што доведува до епидемија навистина да ослабне со текот на времето – вели вирологот, укажувајќи на најновите истражувања.
Еден вирус дури може да биде толку ослабен со мутации што на крајот целосно исчезнува, како што беше случајот со патогенот „САРС-КоВ“ во 2003 година.