Холандската полиција откри најголема лабораторија за производство на кокаин, што се наоѓала во поранешно училиште за јавање коњи во градот Нивен, на север во државата.
Најмалку 17 лица се во притвор, вклучително и 13 колумбиски државјани, тројца Холанѓани и еден Турчин. Сопственикот на некогашното училиште за јавање бил еден од уапсените холандски државјани, објави „Гардијан“.
Полицијата соопшти дека за време на рацијата биле пронајдени десетици илјади литри хемикалии и 100 килограми кокаин. Лабораторијата била опремена да произведува меѓу 150 и 200 килограми кокаин на ден, чија улична вредност е меѓу 4,5 и осум милиони евра.
Ова е најголемата лабораторија досега пронајдена во Холандија“, изјави полициски портпарол.
По претресот во складишта во блиските градови Апелдурн и Елшот, исто така се запленети околу 120 тони носач на материјалот. Осомничените треба да се појават пред судија оваа недела, а можно е да се притворат уште лица, соопшти полицијата.
Според нивните наводи сопственикот на некогашната коњушница и школо за јавање е регистриран во Стопанската комора, уште од 2001 година, како трговец со коњи и одгледувач на коњи.