Свет 09. ноември 2020. / 17:21

Во Тунис се преговара за решавање на конфликтот во Либија

Во Тунис се преговара за решавање на конфликтот во Либија

Обединетите нации денес во Тунис почнаа разговори за иднината на Либија, со цел да се стави крај на речиси една деценија хаос и крвопролевање – преку одржување избори, но се уште има пречки и покрај напредокот во зајакнувањето на примирјето, изјави претставничката на ОН за Либија, Стефани Вилијамс.

Таа додаде дека се работи за најдобрата можност во последните шест години да се запре хаосот и воената состојба од 2011 година за оваа северноафриканска земја- извозничка на нафта .

Но, денеска, на церемонијата на која присуствуваше и тунискиот претседател Каис Саид, таа предупреди: Патот нема да биде поплочен со рози и нема да биде лесен.

Разговорите меѓу 75 учесници, избрани од ОН како претставници на различни политички ставови, регионални интереси и социјални групи, се одвиваат во исто време кога главните завојувани страни разговараат за тоа како да се спроведе примирјето договорено во Женева.

Од 2014 година, Либија е поделена меѓу ривалските фракции на запад, со кои управува меѓународно признатата Влада на Националниот договор (ГНА) и истокот, каде што се наоѓа Либиската национална армија (ЛНА), предводена од Калифа Хафтар.