Свет 09. ноември 2020. / 09:41

Во светот регистрирани над 50 милиони заболени од Ковид-19, Европа оди во карантин

Во светот регистрирани над 50 милиони заболени од Ковид-19, Европа оди во карантин

Португалија е последната држава во Европа која воведува строги рестрикции поради вториот бран на коронавирусот. Од денеска таму на сила ќе биде полициски час кој ќе започнува од 23 часот и ќе трае до 05 часот наутро, а за викендите забраната за движење ќе започнува од 13 часот.

Ова доаѓа откако светот ја надмина бројката на 50 милиони заразени лица од почетокот на пандемијата.

Сепак, бројката се смета дека е повисока поради недоволните капацитети за тестирање во голем број држави низ светот. На глобално ниво се регистрирани и 1.256.305 смртни случаи од Ковид-19, според податоците на Универзитетот Џон Хопкинс.

Велика Британија започна со нивниот карантин во четвртокот, откако забележа околу 20 илјади нови случаи дневно. Во саботата, во земјата беа регистрирани повеќе од 400 починати од Ковид-19.

Франција, пак, е една од земјите кои се најсилно погодени од вирусот. Таму карантинот трае една недела и според француските власти, прерано е да се каже дали има ефект.
Во Италија се воведоа локални карантини во четири региони и национален полициски час. Во повеќе други држави беа затворени одредени бизниси и беа воведени локализирани карантини.