Во Советот за безбедност на ОН беа поднесени две резолуции за Венецуела – американска и руска – и двете беа отфрлени.
Со резолуцијата која САД ја поднесоа во Советот за безбедност се бараа „слободни, фер и веродостојни“ избори во Венецуела. Освен тоа, во текстот беше изразена „длабока вознемиреност“ поради насилството што безбедносните сили го употребувале против „невооружени, мирни демонстранти“. Освен тоа, во текстот се вели дека мора да се дозволи влез на помошта за Венецуела без ограничувања.
Девет земји се изјаснија „за“ американската иницијатива, меѓу нив Германија, Франција и Велика Британија. Меѓутоа, Русија и Кина, кои имаат право на вето, а се вбројуваат меѓу најважните сојузници на Николас Мадуро, ја стопираа иницијативата. Против резолуцијата гласаше и Јужноафриканската Република, додека три држави беа воздржани.
Русија исто така поднесе предлог резолуција, за која доби поддршка само од Кина, Јужноафриканската Република и Екваторијална Гвинеја. Со оваа предлог резолуција се отфлраат заканите со воена интервенција во Венецуела и се нагласува дека за меѓународната помош е надлежна венецуелската влада.
Германија и четири други европски земји членки на СБ, како и САД и Перу, гласаа против оваа предлог резолуција. Четири држави беа воздржани.
Во меѓувреме, самопрогласениот венецуелски претседател Хуан Гуаидо е во посета на Бразил, каде добива поддршка за своите намери и постапки. По средбата со Гуаидо во Бразилија, бразилскиот претседател Жаир Болсонаро се заложи за слобода, демократија, мир и благосостојба во Венецуела. Болсонаро е против воена интервенција во земјата.
Гуаидо ја потврди својата намера наскоро да се врати во татковината „и покрај заканите“ против него и неговото семејство. Гуаидо најави враќање во Венецуела „најдоцна во понеделник“. Најавата на владата на Мадуро дека ќе го уапси нема да го спречи да се врати назад, рече Гуаидо.