Уште една трагедија ја погоди Сирија, држава во која со години се води граѓанска војна. Според западни извори, се работи за веројатно најголемиот хемиски напад, изведен воопшто во земјата.
Деца згрчени од болка и избезумени родители и спасувачи е сликата од сè уште официјално непотврдениот напад со гас во градот Дума, источна Гута. Повеќе десетици луѓе загинаа, од нив голем дел деца, откако според очевидци, хеликоптер на сириската армија фрлил буре бомба со нервен гас врз населено место. 500 се повредени. Бројот на жртви се очекува стрмоглаво да расте.
„Само мал број на лекари се оставени во Дума за да ги лечат големиот број на семејства. Луѓето, спасот го гледаат во подрумските простории и ги користат хемисиките оружја, како хлор. Самиот факт дека гасот оди надолу и во подрумските простории, луѓето и таму се затруени со хемиското оружје“, изјави Ахмад Таракји, од сириско американското медицинско здружение.
Вашинтон обвини дека Москва, како сојузник на Дамaск, била соучесник на масакрот, изведен од силите на Башар Ал Асад. Сириските државни медиуми ги негираат информациите дека владините сили извршиле хемиски напад и објавуваат дека бунтовниците во Дума се во безизлез и „фабрикувзаат хемиски напад”. Сириската влада неодамна ја врати под контрола речиси цела Источна Гута, во офанзивата што започна во февруари, оставајќи ја само Дума во рацете на бунтовничката група Џаис ал Ислам.