Шпанија ќе нарача 20 милиони дози од вакцините произведени од „Фајзер“ и „БиоНТех“, а првите пратки ќе може да се добијат на почетокот на следната година, изјави денеска шпанскиот министер за здравство Салвадор Ила.
“Сметаме дека може да има 20 милиони дози од вакцината Фајезер. Со оглед на тоа што се потребни две дози за едно лице, би можеле да вакцинираме 10 милиони Шпанци против коронавирус”, изјави Ила за шпанската јавна телевизија ТВЕ.
Шпанија има 47 милиони жители.
Вчера, Фајзер и БионНТех објавија дека нивната вакцина е ефикасна во 90 проценти.
Шпанскиот министер рече дека владата во Мадрид ќе потпише договор со американскиот Фајзер „оваа или следната недела“ за да можат првите дози да пристигнат на почетокот на 2021 година.
Тој рече дека вакцината ќе биде предадена бесплатно на националниот здравствен систем, и дека потоа, според „техничките критериуми“ и стручните препораки, ќе се одлучи кој прв ќе се вакцинира. Тој додаде дека е многу веројатно најпрво да се вакцинираат лицата од ризичната група.
„Ќе се водиме од она што експертите ќе ни го кажат. Но, логично е и нормално, да започнеме со вакцинирање на најранливите лица, како и на оние кои се во контакт со најранливите лица, како што е медицинскиот персонал“, рече Ила.
Тој верува дека до мај „мнозинството од населението во Шпанија би можело да се вакцинира“ со вакцината Фајзер или од некој друг производител чии вакцини во моментов се развиваат.
На прашањето дали вакцинацијата против ковид-19 ќе биде задолжителна во Шпанија, тој одговори негативно.
„Не верувам дека задолжителната вакцинација е неопходна. Луѓето се свесни дека во минатото, многу заразни болести биле надминати со вакцинација. Вакцините спасуваат животи”, рече Ила.
Во Шпанија од март 1,3 милиони луѓе биле заразени со коронавирус, од кои 39.350 починале. Бројот на пациенти рапидно расте последните денови, па во обид да се запре ширењето на вирусот, забрането е излегување и влегување во скоро сите 17 автономни покраини. Некои градови како Барселона и Гранада ги затвориле кафулињата и рестораните.
Германската група BioNTech соопшти дека ќе ја утврди цената на двете потребни дози на пониско од „типичното ниво на пазарот“ и дека цената ќе варира од земја до земја, а исто така ќе варира и од регион до регион.
„Имаме намера да ја поставиме цената значително под типичното ниво на пазарот заради ситуацијата во која се наоѓаме и да ја направиме вакцината широко достапна во светот. Се надевам дека цените ќе бидат различни меѓу одредени региони во светот“, рече Рајан Ричардсон, раководител за стратешки развој во BioNTech.
Оваа вакцина сè уште не е одобрена од регулаторите.