Во самоубиствен бомбашки напад во источната авганистанска провинција Нангархар денеска се убиени најмалку четворица авганистански локални полицајци, потврдија властите.
Повредени се уште 11 лица, меѓу кои и двајца локални полицајци, откако напаѓачот самоубиец активирал возило наполнето со експлозив, насочувајќи го ударот кон командантот на локалната полиција и неговите телохранители.
Портпаролот на провинциската влада изјави дека експлозијата се случила во областа Куз Кунар, позната и како Кева, која е целосно контролирана од владините сили.
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот, додава агенцијата.
Провинцијата Нангархар, во близина до границата со Пакистан, долго време беше упориште и за Исламска држава и за Талибанците и во неа во изминатите неколку години имаше жестоки борби.