Во американската сојузна држава Небраска синоќа беше извршена смртна казна, по повеќе од две децении, со досега неиспробана комбинација на лекови и силниот опијат „фентанил“ во смртоносна инјекција.
Смртната казна е извршена над Кери Дин Мур (60), осуден за убиство на двајца таксисти во Омаха во 1979 година.
Тој е првиот осуденик кој е погубен со смртоносна инјекција во Небраска, каде што претходната смртна казна беше извршена во 1997 година на електрична столица.
Пред три децении Небраска ја укина смртната казна, за повторно да ја врати една година подоцна, по граѓанската иницијатива која ја финансирал републиканскиот гувернер Пит Рикетс.
За погубувањето на Мур првпат е искористена мешавина од четири хемикалии. Германскиот производител на лекови „Фрезенијус Каби“ минатата недела се обиде да го спречи погубувањето на Мур, поднесувајќи тужба во која било наведено дека Небраска нелегално набавила најмалку еден лек од компанијата и дека дозволата за егзекуција би нанела штета на нејзината репутација и деловни конекции. Федералниот судија одлучил дека јавниот интерес за погубување е поважен од загриженоста на компанијата.