Во Јапонија е погубен 40-годишниот Кинез, Веи Веи, кој беше осуден за убиство на четиричлено семејство, што претставува прво погубување на странец откако во 2007 година почна откривањето детали за казната на осудените, соопшти Министерството за правда.
Меѓу убиените членови на семејството имаше две деца, 11-годишно момче и осумгодишно девојче.
Веи Веи убиствата ги сторил во 2003 година, со двајца свои сонародници. Другите двајца побегнале во Кина, каде што биле уапсени. Едниот од нив бил погубен во Кина во 2005 година, а вториот добил доживотна казна затвор, соопштија јапонските медиуми.
Јапонија, покрај САД, е една од само двете земји од Г-7 кои ја задржаа смртната казна, а тоа што е важно е дека големо мнозинство од јапонската јавност ја поддржува таквата одлука.
Смртната казна во земјата се изведува со бесење. На осудениците не им се кажува денот на егзекуцијата се до утрото кога казната треба да биде изврешена.