Свет 16. ноември 2020. / 12:07

Во Италија вирусот Ковид-19 циркулирал уште во септември 2019 година

Во Италија вирусот Ковид-19 циркулирал уште во септември 2019 година

Најнова студија на Институтот за тумори во Милано и Универзитетот во Сиена покажа дека вирусот Ковид-19 циркулирал во Италија уште на почетокот на септември 2019 година.

Главниот автор на студијата, научниот директор Џовани Аполоне, ја објави студијата во списанието „Тумори журнал“.

-Со серолошко тестирање на примероци од крв од 959 лица кои учествувале во истражување на рак на белите дробови меѓу септември минатата година и март годинава откриени се антитела на корона вирусот кај 11,6 проценти од испитаниците, а кај 14 проценти е откриено дека имале антитела уште во септември, пишува италијанскиот весник „Република“.

Аполоне истакнува дека се покажало оти четири случаи од првата недела на октомври биле позитивни на антитела кои го неутрализираат вирусот, што значи дека тие се заразиле во септември.

-Ова е големо откритие. Асимптоматските луѓе не само што беа позитивни по серолошките тестови, туку имаа и антитела кои можат да го убијат вирусот. Ова значи дека корона вирусот може долго време да циркулира меѓу населението и со ниска стапка на смртност, не затоа што исчезнува, туку за повторно нагло да удри – вели Аполоне.

Во истражувањето учествувале лица на возраст меѓу 55 и 65 години и сите биле пушачи. Речиси 60 проценти од испитаниците биле мажи, а 50 проценти од нив биле жители на Ломбардија.

Наодите на крвта исто така покажувале дека во септември 2019 година, вирусот потенцијално бил присутен во пет италијански региони, а во целокупната анализа на примероците од септември до март, пронајден е барем еден позитивен случај во сите 13 региони.

-За оние луѓе кај кои беа пронајдени антитела во примероците од крв дадени во септември, заразата најверојатно се случила во август – вели Аполоне.

Официјално, првиот случај на корона вирусот во Италија е регистриран на 19 февруари.

Двајца научници, биологот Енрико Бучи од Универзитетот во Темпле и имунологот Антонела Виола од Универзитетот во Падова, се скептични во врска со оваа студија и наведуваат дека она што го открило студијата, всушност е вкрстена реакција на 10 проценти од светската популација, кои наишле на еден од другите корона вируси и развиле некаква форма на заштита од Ковид-19.