Главната италијанска опозициска сила, Демократската партија (од левиот центар) е на дното на скалата според анкетите на јавното мислење, додека десничарската Лига, на чие чело е министерот за внатрешни работи Матео Салвини, и понатаму е најпопуларна во земјата.
Поддршката за Демократската партија е 16,4 отсто, а за Лига 31,1 отсто, додека втората партија во владата, антиестаблишментското Движење пет ѕвезди е на второто место со 28,6 отсто поддршка, покажуваат резултатите од неделното истражување на јавното мислење кое денес го објави Јутренд.
Податоците се објавени во време кога Лига и Движењето пет ѕвезди се борат со нацрт на буџетскиот план за следната година, имајќи предвид дека ограничените финансиски средства го загрозуваат нивниот капацитет да ги исполнат предизборните ветувања.
Демократската партија е во проблеми уште од историскиот пораз на изборите на 4 март, кога освои нешто помалку од 19 отсто од гласовите. Се очекува партијата да избере нов лидер следната година.