Свет 12. мај 2018. / 12:36

Во Ирак избори и тоа гласање со полициски час

Во Ирак избори и тоа гласање со полициски час

Денес во Ирак, со зголемени мерки на безбедност, ќе бидат одржани предвремени парламентарни избори, први по протерувањето на исламската држава од територијата на земјата.

Покрај тоа, станува збор за четврти избори откако коалицијата предводена од САД го урна режимот на Садам Хусеин.

Околу 7.000 кандидати се борат за 329 места во парламентот, но досега ниту една партија нема капацитет самостојно да освои мнозинство, па се предвидува дека преговорите околу формирање коалиција и избор на премиер ќе траат со месеци.

Гласањето веќе е овозможено за припадниците на безбедносните сили, затворениците и пациентите во болниците.

За сега, според АП, нема фаворит на претстојните избори, а премиерот Хајдер ал Абади се соочува со острата конкуренција на политичките сојузи блиски на Иран.

Пред и за време на изборите безбедносните мерки ќе бидат зголемени низ целата земја. Багдад, Мосул и други поголеми градови на денот на изборите ќе воведат полициски час, а исто така ќе се ограничат и патувањата меѓу провинциите. Од петокот се затворени аеродромите и граничните премини.

За прв пат оваа година, ќе биде користен електронски систем на гласање за да се намалат манипулациите и да се забрза пребројувањето на гласовите.

Резултатите од изборите ќе бидат објавени 48 часа по затворањето на гласачките места.

Уште од падот на режимот на Садам Хусеин пред 15 години, трите етнички заедници – мнозинството шиити, сунити и Курди – се спротивставуваат околу начинот на функционирање на државата. Внатрешните конфликти не престануваат, а Курдите во северниот дел на земјата бараат независност за својот регион.

Покрај тоа, парламентарните избори во Ирак се одржуваат во време на зголемени тензии на Блискиот Исток, по одлуката на САД да излезат од нуклеарниот договор со Иран.

Техеран и Вашингтон се главни сојузници на Багдад, пренесува Ројтерс.

Победникот на изборот, во секој случај, ќе се соочи со предизвикот да изгради држава уништена по четиригодишната војна со исламската држава, процени агенцијата.