Свет 04. февруари 2020. / 12:56

Во Дубаи е откриено ново наоѓалиште на гас

Во Дубаи е откриено ново наоѓалиште на гас

Откриено е ново огромно наоѓалиште на природен гас кај емиратот Дубаи, соопштија државните власти на тој емират.

Се проценува дека новото наоѓалиште содржи 2.28 трилиони кубни метри нови резерви на гас, напиша на Твитер шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, владетел на емиратот Дубаи.

Ова е второ значајно откритие на природен гас во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во последните три месеци.

Врховниот совет за нафта во Абу Даби на 5 ноември објави дека откриле нови резерви на јаглеводород кои вклучуваат 7 милијарди барели нафта, 1,64 трилиони кубни метри конвенционален гас и неконвенционални обновливи извори на гас од 4,53 трилиони кубни метри.

Новото откритие ги помести ОАЕ од седмата на шестата позиција на светскиот ранг на резерви со јаглеводород.

Според статистичкиот преглед за светска енергија за 2019 година на БП, ОАЕ според резервите на нафта го надмина Кувајт и според резервите на гас ја надмина Венецуела.

Со неодамнешното откритие, ОАЕ ги зголеми вкупните резерви на гас на 10,01 трилиони кубни метри.