Свет 09. јуни 2020. / 11:49

Во Бергамо 57% од жителите развиле антитела на Ковид-19

Во Бергамо 57% од жителите развиле антитела на Ковид-19

Повеќе од половина од жителите на италијански град Бергамо развиле антитела против Kовид-19.

Како што соопштија здравствените власти, повикувајќи се на податоци од една студија, од 9.965 локални жители кои меѓу 23 април и 3 јуни биле тестирани преку крв, 57 проценти имаат антитела, што значи дека биле во контакт со корона вирусот.

Градските здравствени власти соопштија дека студијата е „доволно широка“ за да биде сигурен показател за тоа колку луѓе биле заразени во Бергамо, кој беше епицентар на заразата и еден од најтешко погодените градови во Италија.

Во објавениот извештај, националниот институт за статистика ИСТАТ истакнува дека бројот на смртни случаи во Бергамо во март бил 568 проценти поголем од просекот во периодот од 2015 до 2019 година. Ова го прави овој италијански град место со најголема смртност од болеста.

Во провинцијата Бергамо досега се регистрирани 13.609 случаи на корона вирус. ИСТАТ и Министерството за здравство почнаа национална кампања за тестирање преку крв на репрезентативен примерок од околу 150.000 луѓе за да се добие појасна слика за обемот на епидемијата во Италија.

Во Италија досега се регистрирани речиси 34.000 смртни случаи и 235.000 потврдени заразени.

Во регионот Ломбардија, во кој спаѓа и Бергамо, има 16.000 смртни случаи.