Повеќе од 500 Белоруси беа уапсени на нови демонстрации низ целата земја, чии учесници бараат оставка од долгогодишниот авторитарен претседател Александар Лукашенко. Полициските шок бомби, солзавец и водени топови се обидоа да го скршат денешниот протест на илјадници демонстранти во Минск.
Групата за заштита на човековите права изјави дека апсењата се случиле во Минск, Витебск и Гомел, пренесува Асошиејтед Прес.
Многу демонстранти носеа транспаренти во чест на приврзаникот на опозицијата Роман Бондаренко, кој почина по апсењето.
Полицијата го уапси 31-годишниот Бондаренко во средата, по судирот меѓу граѓаните и маскираните лица кои извадија обесени црвени и бели ленти, симбол на опозицијата, во дворот на зграда во Минск.
Бондаренко почина еден ден подоцна во болница од повреди на главата, за кои многумина се сомневаат дека се здобил во притвор.
Претходно денес, локалните медиуми објавија снимки на кои се гледа како мажи со качулки бркаат група луѓе по авенија во центарот на Минск.
Белорусите на социјалните мрежи изјавија дека имало судири меѓу граѓаните и полицијата во дворовите на зградите.
Лидерот на опозицијата Светлана Тихановска, која се засолни во Литванија веднаш по изборите за да избегне апсење, напиша на Твитер дека Лукашенко денес употребил „солзавец, шок-бомби и огнено оружје“ против демонстрантите и дека има „многу повредени“.