Свет 08. август 2018. / 12:56

Во Австралија катастрофа – најголема суша во половина век, фармерите можат да убиваат кенгури

Во Австралија катастрофа – најголема суша во половина век, фармерите можат да убиваат кенгури

На целата територија на Нов Јужен Велс, најнаселената австралиска сојузна држава, денес е прогласена суша а земјоделците добија дозвола да ги убиваат кенгурите кои се натпреваруваат со добитокот за ретките пасишта за време на најголемата суша во повеќе од 50 години.

Владата на оваа држава денес соопшти дека 100 отсто од копното на Нов Јужен Велс, повеќе од 800.000 квадратни километри, е погодено од суша.

„Ситуацијата е тешка. Не постои никој во земјата кој не се надева на дожд за нашите фармери и регионални заедници“, рече министерот за примарна индустрија Најал Блер.

Резервоарите вода на фармите се исушени и насадите се сушат.

Државните и федералните власти на фармерите им обезбедуваат финансиска помош иако тоа за многумина не е доволно.

Периодот на суша е предвидено да трае уште три месеци, земјоделците ќе треба да одлучат дали да продолжат со скапото и тешко хранење на говедата и овците или да ги продадат.

Владата на Нов Јужен Велс денес го зголеми бројот на кенгури кои фармерите можат да ги убијат и олеснета е постапката за добивање дозвола за пукање.

Укината е обврската убиените кенгури да се означуваат со цел да се следи вкупниот број убиени животни во државата.

„Многу фармери ја одведуваат стоката од оградените пасишта, а кенгурите потоа доаѓаат и ги јадат остатоците. Ако не преземеме чекори, ќе имаме десетици илјади изгладнети кенгури, што ќе доведе до голема криза“, рече министерот Блер.