Највисоките претставници на ЕУ го поздравија потпишувањето на договорот за регулирање на идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен порача дека ова боло долг пат и дека сега е време да го оставиме Брегзит зад нас.
-Нашата иднина е создадена во Европа, рече фон дер Лајен
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел рече дека „сега е време за ново поглавје и нови односи“ меѓу ЕУ и Велика Британија.
Главниот преговарач на ЕУ во разговорите со Лондон, Мишел Барние им се заблагодари на преговарачките тимови од двете страни, како и на институциите на ЕУ, за „посветеноста и довербата“ покажана во последните четири години, колку што траеја разговорите за отцепување и идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија.
-Секоја личност има своја улога во градењето на единството на ЕУ и ви благодарам за тоа, напиша Барние на Твитер.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во име на ЕУ го потпишаа договорот за трговија и соработка со Обединетото Кралство (Британија и Северна Ирска), кој ќе стапи на сила на 1 јануари 2021 година.
-Станува збор за чесен и урамнотежен договор кој целосно ги штити основните интереси на Европската Унија и создава стабилност и предвидливост за граѓаните и компаниите, порача Мишел.
Претставниците на ЕУ го потпишаа и договорот за безбедносни процедури во размената и заштитата на доверливите информации со Британија, како и договорот за Атомската енергетска заедница. По потписот во Брисел, сите три документи, во две копии, одат во Лондон, каде ќе ги потпише британскиот премиер Борис Џонсон.
Договорот за трговија и соработка подразбира заеднички стандарди околу правата на работниците, но и многу социјални, еколошки и даночни обврски, како и чесна конкуренција во областа на државната помош. Меѓусебните спорови ќе се решаваат со арбитражен систем, се воведуваат проверки за стоката која се движи меѓу Обединетото Кралство и ЕУ, прекинува безвизното движење на луѓето од двете страни, а професионалните квалификации нема автоматски да се признаваат.
Британија повеќе нема да учествува во Европол и Евроџаст и ќе го изгуби пристапот до Шенгенскиот информациски систем.
Формалното потпишување на договорот кој ги уредува идните односи на ЕУ и Британија, по транзицискиот период кој завршува на 31 декември 2020, се случува откако 27-те земји членки на ЕУ вчера во постапка го одобрија документот договорен на 24 декември. Европската комисија поради кратките рокови и неможноста Европскиот парламент до истекот на транзицискиот период да го даде својот глас за договорот со Британија, предложи негова привремена примена до 28 февруари 2021 година.
Европскиот парламент за договорот со Британија треба да гласа на почетокот на 2021 година, а како последен чекор од страна на ЕУ Советот на Европа мора да усвои одлука за склучување на договорот.