Со околу 200 заразени и без смртни случаи од корона вирусот, пристапот на Виетнам кон епидемијата е пример што Светската здравствена организација го истакнува и смета дека може да биде пример за земјите што имаат големи проблеми да го контролираат ширењето на вирусот.
И покрај тоа што Кина и Виетнам имаат заедничка граница, Виетнам презема пристап на рано одлучно дејствување, екстензивно тестирање, енергичен карантин и социјално единство, со што засега успева да избегне последици какви што има во Европа и САД.
И покрај тоа што има мал број на потврдени случаи, Виетнам воведе целосен карантин, што е далеку побрз и поодлучен пристап од Велика Британија или Италија, каде што бројот на позитивни случаи достигна илјадници, пред да застане социјалниот живот.
Додека европските држави спроведоа карантини за да се справат со постојната епидемија, Виетнам го направи тоа за да избегне национална криза.
Голем дел од успехот на Виетнам се должи на неговото социјално единство. Премиерот Нгуен Ксуан Фук ги опиша напорите на Виетнам како „пролетна општа офанзива за 2020“, повикувајќи се на клучната офанзива од 1968, Тет офанзивата спроведена од ВиетКонг за време на Виетнамската војна.
Виетнамските училишта се затворени од јануари, а масовниот карантин почна на 16 март. Оттогаш, десетици илјади луѓе што влегуваат во земјата од тешко погодените нации беа ставени во задолжителен карантин во огромни логори во воен стил. До 25 март целосно запреа и меѓународните летови.
Голем дел од домашните летови, возови и автобуси се стопирани, а секој што ќе замине од Ханој, епицентарот на епидемијата во Виетнам, е ставен во карантин по пристигнувањето во било која друга покраина.
Сепак, иако овие строги мерки досега се преточени во релативно успешен исход, останува да се види дали Виетнам или други нации со слични одговори можат да го задржат ширењето на вирусот во подолг период.