Eвропа ја тресе нов скандал со продажба на месо од болни крави во Полска, откако претходно беше обелоденет скандалот со коњско месо во говедски конзерви и лазањи. На снимките и видеата кои ги направиле полски новинари кои се инфилтрирале во нивните кланици се гледа како се влечат болни крави кои едвај одат. Наместо на евтаназија истите завршуваат на линииите за колење, а тоа труло и расипано месо се складирало и заминувало по пазарите како безбедно за човечка употреба. И кај нас се увезува полско месо, но засега не се знае конкретно во која количина.
Снимките покажуваат како во доцните вечерни часови со камиони се истураат едвај живи говеда кои завршуваат на линиите за колење. Нивното месо потоа добива ветеринарен печат како исправно и завршува на пазарот. Европските експерти се во паника. Велат дека доколку се утврди дека месото излегло од Полска како здраво и исправно за човечка исхрана, треба под итно да се одземе лиценцата за извоз.
– Снимките се направени во централниот полски регион Мазовија. Колењето се прави во текот на ноќта, а кравите се влечат по патеките бидејќи не можат да одат. Приказната прв ја објави „Гардијан“, а на снимките се гледа како вработените под итно ги отстрануваат доказите дека кравите се болни. Веднаш се фрлаат остатоците. Експертите во Полска кои ја видоа снимката велат дека ова месо е многу опасно по здравјето на луѓето и ја повикаа полската Влада веднаш да делува.
Официјалните податоци велат дека 2017 година од Полска извезено е јунешко месо во вредност од една милијарда евра.
Новинарот Патрик Шчепаниак работел во кланицата цели три недели. Според него, наместо месото да се даде на ветеринар на проверка, никој не го контролирал и самите касапи ставале ознаки дека е во ред за човечка употреба.
-Надредените ќе ми наредеа да го обележам месото како здраво и да го разубавам. Од смрдеата на месото ми се повраќаше. Беше ужасно. Нема да пробам говедско долго време. Моја задача беше со нож да ги тргнам скапаните делови- вели новинарот.
Харис Елиот, професор по безбедност на храна на Универзитетот во Белфаст кој го предводеше скандалот со коњско месо вели дека ако има докази дека ова месо ја напуштило Полска мора да се уклучат сите аларми за контрола во ЕУ. Новинарите велат дека само за една ноќ биле заклани 28 крави. Податокот е алармантен ако се знае дека 80 отсто од тоа месо се извезува.Ова не е прва полска кланица фатена како коле болни крави. Во декември лани сопственик на друга кланица осуден е на затворска казна за исто дело.