Свет 01. септември 2018. / 14:35

(Видео) Пекол во Сочи: Патници скокале од запален авион на писта со цел да се спасат од пожар

(Видео) Пекол во Сочи: Патници скокале од запален авион на писта со цел да се спасат од пожар

Патниците и екипажот на ,,Боинг 737″ имаа пеколен лет од Москва за Сочи. Најмалку 18 патници се повредени откако авионот излетал од пистата и делумно се запалил на аеродромот во Сочи. Меѓу повредените има и три деца.

Патниците во паника скокале на скршените крилја, ги фрлале децата на земја во обид да се спасат и да го напуштат авионот кој се запалил. Сите 170 патници за влакно и избегале на смртта.

Авионот со 164 патници и шест членови на екипажот летал од Москва за Сочи. Пилотот имал два обиди за слетување, но силниот ветер и дождот му ја отежнувале работата. Тој излетал од пистата при слетување, ја пробил заштитната ограда и завршил на брегот на реката во близина. Потоа се запалило тркалото и крилото на авионот, како и левиот мотор.

Патници сведочат дека авионот се обидел да слета неколку пати, но безуспешно. ,,Седевме веднаш до излезот. Се се случи многу брзо”, сведочат патниците.

,,Надвор имаше дожд и грмеше, а луѓето скокаа од пет-шест метри за да се спасат”, раскажува една жена.

Вработен на аеродромот, кој им помагал на спасувачите, починал од срцев удар на самото место. Поради несреќата се одложени десетици летови на аеродромот во Сочи.

Според надлежните, најмалку четири лица имаат изгореници, додека други имаат повреди на р’бетот, поради што се хоспитализирани.

Во тек е истрага за несреќата.