Здравствената состојба на рускиот опозиционер Алексеј Навлни била стабилна во текот на летот од Омск, но и по слетувањето во Берлин, рече Јака Бизиљ, активист на Фондацијата „Cinema for Peace“, која ја иницираше и плати за неговата евакуација.
Навални ќе биде лекуван во болницата „Шарит“ во Берлин, бидејќи бил префрлен во Германија со авион на брза помош, откако неговата сопруга и соработниците инсистирале да оди во таа земја на лекување, обвинувајќи ги руските власти дека се обиделе да го спречат тоа.
Лекарите во сибирскиот град Омск вчера објавија дека Навални е во индуцирана кома, дека неговиот живот не е во непосредна опасност и дека неговите мозочни функции се стабилни.
Кира Јармуш, портпарол на Навални, изјави дека неговата сопруга Јулија исто така била во авионот за Германија, пренесува Ројтерс.
Амбулантниот авион синоќа требаше да го пренесе Навални во Германија, но летот беше одложен на барање на германската авиокомпанија со објаснување дека пилотите мора да се одморат пред долг лет.
Навални, долгогодишен противник на претседателот Владимир Путин и неговите соработници и борец против корупцијата, се онесвести во авионот со кој требаше да лета за Москва во четвртокот, откако испил чај на аеродромот за кој неговите соработници веруваат дека е отруен.