Канаданска инфлуенсерка избегна затворска казна поради фрлањето на столица од балконот на 45. кат на фреквентна улица со цел да собере што повеќе „лајкови“ на Инстаграм.
Марсела Зои (20) доби две години условна казна и 150 часа општествено корисна работа во Торонто неделава, по инцидентот во февруари минатата година. Покрај тоа, таа доби и казна од 1.485 долари за опасно дело што го сторила.
Обвинителите барале затворска казна во траење од шест месеци, но Зои избегнала затвор откако признала дека е виновна заради несовесно загрозување на животот, пренесува „Дејли мејл“. Нејзиниот адвокат, Грегори Лесли, изјавил пред новинарите дека е воодушевена од исходот на судењето, а таа исто така објавила и фотографии и снимки од прославата по судската пресуда.
Зои имала околу 4.000 следбеници на Инстаграм, пред да привлече внимание со фрлањето на столот. По инцидентот, нејзините профили на социјалните мрежи исчезнаа, но наскоро повторно се појавија и денес на Инстаграм ја следат околу 65.000 луѓе.
По контроверзната снимка, Зои сама се предала на полицијата. Таа го ангажирала адвокатот Грег Лесли, кој наскоро издал соопштение со жалење на својата клиентка за нејзините постапки.
Посакувам никогаш да не се случеше. Секако, никогаш не би сакала некој да биде повреден – рекла таа.
Подоцна адвокатот тврдел дека Зои пиела алкохол и дека била под притисок на своите пријатели да го фрли столот од балконот. Откако се врати на социјалните мрежи, таа профитирала од својата популарност заради овој озлогласен случај, а денес има повеќе од 60.000 следбеници, со кои редовно споделува свои провокативни фотографии и добива илјадници „лајкови“.