Голем центар за карантин со повеќе од 4.000 соби се гради во северна Кина поради избувнувањето на Ковид-19 во Шинџијанџуанг, град со повеќе од 10 милиони жители во провинцијата Хебеј.
Весникот „Пипл дејли“ објави дека 600 соби биле подготвени до 19 јануари, а до крајот на изградбата ќе бидат додадени уште 3.600.
Градежни работници и материјали беа испратени од целата земја за да помогнат во изградбата на центарот, објавија државните медиуми.
Вообичаена практика е во Кина да се мобилизираат ресурси од целата земја за борба против катастрофи и други кризи.
Центарот за карантин треба да прима луѓе кои биле во контакт со лице заразено со коронавирус. Секоја соба, наменета за едно лице, е со големина од 18 метри квадратни и е опремена со постелнина, маса, клима уред, телевизија и интернет, пренесува Чајна њуз сервис.