Свет 26. ноември 2018. / 11:59

ВИДЕО: Јато делфини се насукаа на плажа во Нов Зеланд

ВИДЕО: Јато делфини се насукаа на плажа во Нов Зеланд

Јато од 145 црни делфини со кратки пераи се насукаа на брегот на островот Стјуарт на Нов Зеланд и сите угинаа, јави Би-би-си. Насуканите животни ги забележал случаен минувач, кој шетал по плажата Мејсон Беј.

Властите информираа дека половина од делфините умреле во текот на ноќта меѓу сабота и недела, додека останатите ги „успале“ бидејќи било невозможно да бидат спасени.

– Веројатноста за успешно враќање на делфините во море беше исклучително мала – изјави Рон Лепенс од локалниот Оддел за конзервација, чија функција е зачувување на историското и природно наследство на Нов Зеланд.

– Се насукале на најоддалечената локација. Веќе угинуваа, а нам ни недостасуваат вработени. Најдобро што можевме да сториме за нив беше евтаназија. Но тоа е секогаш многу тешка одлука – истакна Лепенс.

Китовите и делфините се насукуваат поради болест, потешкотии при навигација, морски струи или поради тоа што ги прогонуваат грабливци.