Откако Европската комисија го отфрли буџетот на владата во Рим, италијанскиот член на Европскиот парламент (ЕП) Анџело Чока пред новинарите со чевел ги „изгази” документите на еврокомесарот за економски и финансиски прашања Пјер Московичи.
Московичи денес остро го осуди „перформансот“ на Чока и наведе дека таквото однесување е „гротеско“.
На крајот на прес-конференцијата, Чока од италијанската владејачка десничарска Лига се качи на подиумот зад Московичи, го зеде својот чевел и со него ја „прегази“ документацијата која Московичи ја користеше во аргументирањето на таквата одлуката на ЕК.
Чока на Твитер напиша дека за перформансот користел чевла произведена во Италија, и дека Московичи кажал „куп“ лаги против Италија.
„Епизодата со чевелот е гротескна“, напиша Московичи, исто така, на Твитер.
„Првично се смееме и ја банализираме ситуацијата, бидејќи е смешна, а потоа се навикнуваме на прикриеното симболично насилство, а потоа еден ден се будиме со фашизмот. Да останеме будни! Демократијата е кревко богатство“, предупреди Московичи.
Европската комисија го повика Рим да претстави нов нацрт буџет со кој се намалува структурниот дефицит за 0,6 проценти од БДП, наместо да се зголеми за 0,8 процентни поени, како што е предвидено со сегашниот план.
Меѓутоа, потпретседателот на италијанската влада Матео Салвини нема да го промени буџетот за 2019 година.