Свет 20. ноември 2020. / 18:56

(ВИДЕО) Илјадници присустни на погребот на претепаниот опозиционер во Белорусија

(ВИДЕО) Илјадници присустни на погребот на претепаниот опозиционер во Белорусија

Илјадници луѓе немо ги кренаа рацете држејќи цвеќе и скандираа пред црквата во Минск на погребот на белоруски демонстрант кој почина од тешките повреди здобиени во притвор.

Смртта на 31-годишниот Роман Бондаренко стана црн епилог на повеќемесечните протести против претседателот Александар Лукашенко.

Сведоците изјавиле дека Бондаренко бил приведен по немирите од луѓе облечени во цивилна облека кои се појавиле на игралиште за да ги отстранат црвено-сините ленти што го претставуваат движењето на отпорот.

Тој починал во болница минатата недела откако бил претепан од безбедносните сили, според демонстрантите. Министерот за внатрешни работи ја негира одговорноста.

Смртта на младиот човек е осудена од Европската унија, која најави нови санкции за Минск како одговор на државната акција против демонстрантите по спорните претседателски избори во август.

Противниците го обвинија Лукашенко за местење на изборите за продолжување на неговото 26-годишно владеење. Лукашенко ја негира колективната измама и, поддржан од Русија, одбива да ја предаде власта.

Толпата пред црквата, од кои повеќето биле со маски, скандирала „Оди си“, кои се последните зборови што ги изговорил Бондаренко и „Да живее Белорусија“.

Автомобилите свиреа по улиците. Илјадници луѓе аплаудирале додека го носеле ковчегот. Ожалостените, некои во солзи, се собраа околу местото на погребувањето.

Властите привеле здравствен работник оваа недела кој во медиумите го пријавил медицинскиот извештај за смртта на Бондаренко. Медицинскиот извештај не покажува алкохол во крвта на Бондаренко, ставајќи го под сомнеж тврдењето на владата дека Бондаренко бил пијан и го загубил животот за време на борба со цивили.

Јавното обвинителство отвори кривична истрага против медицинските лица за откривање на медицински тајни, ширење лажни информации и поттикнување тензии во општеството. Притворен е и новинарот кој го објавил извештајот.

Лукашенко ги обвини демонстрантите дека се собрале на погребот и покрај противењето на семејството на Бондаренко и ги обвини за поттикнување тензии со ширење лажни вести на социјалните мрежи за смртта на Бондаренко.

Откако ЕУ ги објави најновите санкции кон Белорусија, Норвешка, која не е членка на ЕУ, објави дека ќе воведе слични мерки.

Експертите за човекови права на Обединетите нации изразија сериозна загриженост во врска со зголемениот број извештаи за масовни притвори, заплашувања и тортури. Тие испратија апел до белоруските власти да ја испитаат зголемената употреба на сила и нелегитимна одмазда на мирните протести.

Десетици илјади луѓе редовно учествуваа на протестите секоја недела по изборите. Дел од вработени во големите државни компании учествувале на протестите. Оваа недела 49 работници вклучени во протестите биле отпуштени од хемиската фабрика Белорускали.